Македонија има најзагаден воздух во Европа, ова го потенцираше Светска банка во најновиот извештај за зелен раст во Македонија. Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух односно од ПМ10 честичките.

Сознанијата на Светска банка, упатуваат на тоа дека цврстите честички се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно, но и илјадиници изгубени работни денови – што претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно или 3,2% од БДП.

ПМ10 се честички со дијаметар од 10 микрони и содржат метали и прашина од патиштата и индустриите, како и честички создадени при согорување. Најчести извори на загадување се индустриските капацитети, моторните возила, градилиштата и користењето неквалитетни горива за затоплување на домаќинствата.

Од февруари 2010 година досега во Македонија се увезени повеќе од 160 илјади стари патнички возила. Во ЕУ,  Еуро 1 и Еуро 2 нормите се веќе забранети, Еуро 4 стапи во сила во јануари 2005 година, а од 1 септември 2014 е дозволена продажба само на возила со Еуро 6.

Со намалување на ПМ10 и ПМ25 до европските гранични вредности ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи и многубројни изубени работни денови, со што ќе се реализира заштеда во здравствени трошоци од 151 милиони евра годишно“, се наведува во извештајот на банката.

За борба против загадувањето, како свесни граѓани треба да користиме јавен транспорт, велосипед или да споделуваме превоз со автомобили. Еколошките здруженија и понатаму ќе даваат предлози, експертиза и препораки кон надлежните институции.

Дел од препораките кои треба да се превземат се следниве:

-  Да не се компензира со индустриските загадувачи и нивните еколошки обврски
-  Да се затвори централното градско подрачје за автомобили, да се одредат надворешни паркинзи, од каде ќе се користи јавниот транспорт
-  Пар непар систем во Париз функционираше, зошто не и во Скопје
-  Да се зајакне контрола и проверка на технички преглед кај автомобилите и да започне вистинско мерење на штетните емисии од издувните гасови
-  Велосипедската инфраструктура да се подобри
-  МВР сериозно да ја преиспита законската регулатива во однос на издавање возачка дозвола на лица со полни 16 години.

Организациите Гоу Грин, Еко Свест, Фронт 21/42, Реактор и Аналитика подготвија препораки до надлежните институции за намалување на загадувањето. Препораките се поделени на два дела и тоа:

-  Итни решенија кои треба да се превземат при алармантна состојба со која се сооучуваме и денес

-  Системски решенија со кои ќе го надминеме проблемот со загадувањето на долгорочен план

Препораките адресирани до надлежните институции можете да ги погледнете тука.

Ве повикуваме да дојдете на 01.02.2015 во 12:00 во Паркот на Новинарите (карши Нова Македонија) каде е збирното место и почетокот на рутата на маршот против загадувањето на воздухот! Облечете се во темни бои, како и смогот кој не` гуши, земете со себе транспаренти со пораки за почист воздух и секако (гас) маска. 
Дојде време да мораме да маршираме за да го имаме она што на сите бесплатно ни следува. Нека овој марш биде што помасовен за да го привлече вниманието на надлежните институции, а до тогаш ние ќе маршираме прашувајќи Кој е крив што дишеме смог? Кој е крив за полните болници? Кој е крив што градот ни е сив?
Share/Save/Bookmark

Saturday, January 31 2015