На 24 Октомври во клубот Хавана, Гоу Грин организираше музичко-едукативен настан наречен ,,Празнење Батерии”. Настанот го посетија над 2.500 млади луѓе, а се собраа 8870 отпадни батерии, 208 мобилни телефони, 12 батерии од лаптоп, 4 батерии од фотоапарат и 30 мали акумулатори од алармни уреди.
Лиценцираното друштво за отпад “Нула Отпад ДОО” се погрижи за соодветно преземање и складирање на отпадните батерии и мобилни телефони кои се собраа на настанот. Посетителите кои дојдоа без батерии или мобилни телефони донираа средства во Црвениот Крст за акцијата за изградба на живеалишта за две фамилии кои немаат соодветни услови за живеење.
Целта на настанот беше да се развие јавната свест за селектирање и рециклирање на отпадни батерии и отпадни мобилни телефони.
На настанот настапуваа Нокаут,,,Eye Cue”, Фанк Шуи, Марлон Брандо, ДЈ Чваре и ДЈ К-105. Водител на настанот беше Марко Новески кој го презентираше накратко проектот Гоу Клин 2014 започнат од 2011 година. Проектот Гоу Клин 2014 има за цел да воспостави одржлив систем за управување со помал електронски отпад и да се развие јавната свест за опасноста од несоодветен третман и потребата за рециклирање на овој отпад.
Освен музичките артисти, во припремата на настанот беа вклучени и Сашко Коцев, Сашо Гигов Гиш, Тино Костадиновски, Бојан Кирковски, Кирил Трајковски и многу други.
Меѓутоа, ова не е прв настан од ваков тип. Гоу Грин во 2010 ја промовираше песната Биди Зелен и организираше концерт во Градски Парк Скопје, со цел да се развие свеста кај младите за заштита на животната средина.
Со овој настан Гоу Грин уште еднаш докажа дека е можна позитивна промена кај младите преку музика и позитивна енергија.
Гоу Клин 2014 е поддржан од Македонски Телеком, Т – Мобиле Македонија и Норвешка Амбасада во Белград.

< Prev | Next > |
---|
Tuesday, November 04 2014