There are no translations available.

   Форумот се одржа на 15 јуни, во хотел Холидеј Ин, во Скопје. Енергетската ефикасност, образованието и пазарот на трудот беа главните теми на форумот, имајќи предвид дека 75% од вработените во градежниот сектор се работници1. Форумот имаше дебатен и саемски карактер, каде се одржаа две панел дискусии на тема „Реформи во образованието – дали сме во чекор со потребите на пазарот за енергетска ефикасност?“ и „Иднината на македонската градежната индустрија и пазарот на труд“ од кои се донесоа соодветни заклучоци и препораки.

   „Стручното образование и квалитетна работна сила е предуслов за успешна имплементација на европските директиви и стандарди за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.“ – изјави Александар Трпковски од Гоу Грин. „Доколку немаме доволен стручен кадар кои ќе може практично на терен да ги реализира потребните стандарди од „ЕУ 2020 пакетот за клима и енергија“, и соодветните директиви, тие нема да можат успешно да се имплементираат. Со нашата иницијатива изработивме програми за слободни часови за градежната, машинската и електротехничка струка во средните стручни училишта кои се надеваме ќе побудат желба кај младите повеќе да ја изучуваат енергетската ефикасност. Многу важно да се зголеми атрактивноста и квалитетот на стручното образование и дополнително, од клучно значење е граѓанскиот сектор да биде вклучен во процесот на реформирање на средното стручно образование што е во тек“, дополни Трпковски.

Заклучоците кои се донесоа на панел дискусиите беа следните:

  • Стручното образование е деградирано во однос на гимназиите –гимназиите се далеку попопуларни од стручните училишта, а тоа го покажуваат и бројките од „Заводот за статистика“ во кои може да се забележи дека во учебната 2015/2016, 8,351 се матуранти од гимназии, а 3,436 матурирале од средни стручни училишта во машинска, електро-техничка и градежно-геодетска струка. Во учебната 2015/2016 година 31,542 од ученици следат настава во гимназиите, а само 11,644 ученици следат настава во средни стручни училишта (машинска, електро-техничка и градежно-геодетска струка). Сликата е целосно поинаква во развиените земји, во Швајцарија на пример, 66% од младите се запишуваат во стручни училишта, а само околу 34% во гимназии;
  • Стандардите за влез во средните стручни училишта се на ниско ниво и генерална перцепцијата во општеството е дека стручните училишта се за млади кои немаат високи оценки и не учат доволно;
  • Работниците во градежниот сектор се околу 8% од вкупниот број на вработени лица во Република Македонија, а од нив 8-10% се инженери, 15% се техничари, 75% се работници.2
  • Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, со завршено средно техничко образование, потребни се околу 3 години за вработување;
  • Моменталната понуда на стручни кадри не ги задоволува потребите на пазарот на трудот, ниту од квантитативен, ниту од квалитативен аспект. Се јавува недостаток на различни профили на работници, во градежниот сектор, и тоа: гипс-монтери, фасадери, армирачи, тесари, плочкари и водоводџии.
  • Работната сила во секторот на градежништво „остарува“, односно во секторот на градежништво 10,000 работници се на возраст над 60 години. Се очекува овие лица да се заменат со 7,000 нови вработени додека дополнителни 5,000 да се вработат во секторот за имплементација на мерките за енергетска ефикасност3.
  • Условите на работниците (плата и безбедност) е неопходно да се зголемат за да може да се задржат во Македонија и да се охрабрат нови генерации да учат струка и занает.

Препораките кои произлегоа во насока на подобрување на состојбата се следните:

  • Да се воведе модуларен систем на образование кој е посоодветен за стручното образование. Флексибилноста на модуларниот систем е посоодветна за прилагодување на дејностите и профилите кои се потребни на пазарот на трудот, и му овозможуваат на ученикот да изучува;
  • Да се зголемат стандардите за влез во средните стручни училишта за да може да се зголеми квалитетот на образованието и работната сила која излегува од стручните училишта. Од друга страна, подигнувањето на стандардите може да влијае на намалување на бројот на ученици, но со континуирана кампања за вредноста на стручното образование и подобрување на условите (плата и безбедност) на стручните работници ќе се зголеми интересот и конкуренцијата ќе биде поголема, што ќе обезбеди квалитет;
  • Приватниот сектор е неопходно да инвестира во работната сила, да ги подобри условите од една страна, но од друга да инвестира во доедукација и обука за да се постигне поголема ефикасност на работната сила, односно да се зголеми нивната продуктивност – на таков начин ќе може и да се зголемат платите бидејќи помалку луѓе ќе можат да сработат повеќе;
  • Државата да даде даночни олеснувања на оние фирми кои работат според стандардите за енергетска ефикасност и со тоа да се ослободи капитал кај фирмите, кој ќе го инвестираат во подобрување на условите на работниците (плата и безбедност);
  • Континуирана кампања за популаризација на стручното образование и подигнување на свеста на родителите, но и на општата јавност, за вредноста на стручното образование и имањето занает, кој обезбедува квалитетен живот, пристојна и добро платена работа;
  • Да се овозможи поголема функционалност на кариерните центри во средните стручни училишта и да работат на информирање на родителите и учениците од основните училишта за вредноста и можностите кои стручното образование ги овозможува;
  • Сертифицирањето на дејностите на средните стручни училишта не е потврда за вистинското знаење на ученикот за струката. Со цел да се осигура квалитетот при работењето на младите кадри потребно е да се воспостави дополнителен систем за сертифицирање, пред вработување, како доказ за стручноста на работниците, но и да се олесни вработувањето во секторот кој е во согласност со нивното образование;
  • Формирање на работна група составена од институции (МТСП, МОН, Центар за стручно образование и обука, Центар за образование за возрасни, итн., средни стручни училишта, Тренинг центри за обуки, Бизнис заедница и Граѓански здруженија кои ќе го креираат и воспостават дополнителниот систем за сертифицирање пред вработување.

   Дипломите што учениците ги добиваат во средното стручно образование се еден вид на сертификат за познавање на областа, но не се доволни за младите полесно да се вработат и да се прилагодат на пазарот на труд. Ќамуран Исмаили од тренинг центарот „Крафтмастер“ посочи дека квалитетот на работната сила во градежниот сектор е проблем за компаниите: „Во овој момент, поради недостаток на обучени лица, компаниите се принудени да ангажираат лица без соодветни квалификации чисто колку да можат да ги завршат градежните работи на време. Тоа влијае на квалитетот на изведувањето на градежните работи и на ефикасноста во работата. Тоа од друга страна, повлекува низа непланирани трошоци кои се на директна штета на компаниите и резултираат со пониски плати за вработените. Во случај кога имате добро обучена работна сила, работата е поефикасна и се завршува за пократко време со помал број на ангажирани работници, што резултира со помали трошоци за компаниите. Средства кои би се ослободиле би требало да се насочат во повисоки плати за работниците кои квалитетно ја извршуваат нивната работа.“

   Според Дафинка Саздова од градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори, недостатокот на работна сила е сериозен предизвик кој мора да се адресира системски. „Градежните фирми се соочуваат со голем недостаток на работници од различен профил, гипсери, монтери, фасадери, тесари и слично, и голем број заминуваат во странство. Надлежните институции мора да дадат поддршка на приватниот сектор, како на пример даночни олеснувања за енергетски ефикасни објекти, за да може да се ослободи капитал кој би се насочил во подобрување на условите за работниците“, посочи Саздова.

   „Форумот за зелени работни места и еколошко образование“ претставуваше завршен настан на проектот „Граѓански иницијативи за образование за клима и енергетска ефикасност“, финансиран од Европската Унија и поддржан од Швајцарската Агенција за развој и соработка. Целта беше да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации за влијание врз образовните процеси и да се поттикне вработување на млади во секторот на енергетска ефикасност. На форумот присуствуваа 106 учесници, наставници, ученици, претприемачи, претставници од граѓанските здруженија, од Скопје, Струмица, Прилеп, Битола и Гостивар. Претставниците од приватниот сектор, Кнауф, Цересит, Адора Инженеринг, ГЕИНГ, Елена Лука, ИЕГЕ и Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори се претставија со свои репрезентативни материјали и разменуваа искуства и можности за соработка со присутните.



   Како дел од проектот координативно тело од 10 граѓански здруженија го модерираше процесот на изработка на програма за слободни часови по енергетска ефикасност во средните технички училишта во петопштини во Македонија (Скопје, Струмица, Прилеп, Битола и Гостивар). Во соработка со техничките училишта и локалните власти, граѓанските организации иницираа воспоставување на систем за учество на граѓанските организации во процесот на реформирање на средното техничко образование со цел вметнување на содржини што ќе овозможат исполнување на ЕУ 2020 стратегијата за клима и енергија.
________________________________

„ANALYSIS OF THE NATIONAL STATUS QUO “ – BUILD UP skills Macedonia, Стопанска комора на Македонија

2 „ANALYSIS OF THE NATIONAL STATUS QUO “ – BUILD UP skills Macedonia, Стопанска комора на Македонија

Истражување на „програмата за зголемување на пазарната вработливост“ поддржана од Швајцарската агенција за соработка и поддршка

Share/Save/Bookmark

E mërkurë, 21 Qershor 2017