Еколошката младинска организација Гоу Грин ја организираше акцијата  “Без пластика на пазар” на Зелен пазар и пазарот Буњаковец во Скопје со што сакаше да ја подигне свеста кај граѓаните за негативните ефекти кои ги имаат пластичните ќеси врз животната средина и здравјето на луѓето. Со несоодветен систем за управување со отпад тие завршуваат на депониите кои во голем број случаи се запалуваат. Со илјадниците пластични ќеси кои се користат тие се едни од најголемите загадувачи на воздухот и почвата, но исто и така и причина за смрт на многу животни.

         Во текот на акцијата се поделија повеќе од 100 платнени ќеси на купувачите со цел да се поттикнат да ги исфрлат пластичните од нивна употреба. Платнените торби се одлична замена за пластичните, тие се издржливи и најважно – реупотребливи, така што нареден пат не би морале да купуваме нова торба. 

         Една од мерките која се употребува насекаде во светот за намалена употреба на пластичните ќеси претставува и нивното наплаќање во продавниците, супермаркетите и пазарите. Воведувањето на мерката за наплаќање на ќесите во Англија придонело нивната употреба да се намали од 7 милиони на 500 илјади годишно[1].

         Гоу Грин ќе продолжи да влијае врз подигнување на свеста за штетноста од пластичните ќеси и ќе ги поддржи сите мерки кои ќе ја намалат нивната употреба. Акцијата е дел од Европската недела за намалување на отпадот која што се одржува од 18 – 25ти ноември.


Вкупниот број на пластични ќесиња произведени на годишно ниво во светот изнесува 1 трилион, или 2 милиони на секоја минута.

         Едно просечно семејство користи до 600 ќеси годишно. Најверојатно и вие сте дел од голем број на луѓе кои постојано земаат премногу пластични ќеси за секоја мала намирница, па на крај завршувате со една ќеса која има милион помали во неа. Најчесто не ни размислуваме дека всушност тие ќеси ќе се разградат дури по 1000 години. Всушност првите произведени ќеси се’уште не се ни блиску до разградување, а ние продолжуваме се’ повеќе да ги произведуваме.

         Иако постојат пластични ќеси кои се биоразгадливи тие скоро никогаш не се рециклираат.  Тие најчесто завршуваат на депониите каде што се горат при што ослободуваат токсични гасови или завршуваат во почвата која што подоцна ги загадува сите организми кои се во неа. Најчесто пластиката се ситни на помали парчиња кои се разнесуваат низ просторот. Нивното разнесување низ просторот најчесто завршува во океаните и морињата, што придонесува за смртта на повеќе од 100 илјади делфини, желки, морски птици и китови. Дури и кога животното ќе умре поради пластиката и ќе се разгради, пластиката не се разградува и продолжува да загадува.


________________________________

[1]https://www.theguardian.com/environment/2016/jul/30/england-plastic-bag-usage-drops-85-per-cent-since-5p-charged-introduced

Share/Save/Bookmark

Петок, 15 Декември 2017