„Kако ова парче облека стигнало тука?”- ретко кој помислува на ова при влегување во омилена продавница за облека. Секојдневно без размислување купуваме парчиња облека невино, не знаејќи дека всушност сме соучесници во едно од најголемите криминални дела во светот. Станува збор за криминален акт против планетата Земја, но и акт против самите себе.

Текстилната индустрија, иако слабо застапена во Македонија, се наоѓа на второ место на листата на најголемите загадувачи во светот. Процесот на приготвување на облеката, евтината работна рака која работи на истата, како и транспортот за таа да стигне до нашите локални бутици севкупно прави еден круг на константно штетење на природата и целиот жив свет околу нас. Но, ако тоа не е доволно, хемиските супстанции кои се наоѓаат во неа имаат негативен ефект и на нашето лично здравје. Се создава круг кој константно се врти и кој единствено може да застане ако ние почнеме да преземаме мерки. Промената започнува со секој од нас. Затоа можеби прикажувањето на вистинитиот опис на животниот тек на едно парче облека ќе успее да ја поткрене свеста за оваа тема.



Лошиот ефект врз животната средина се појавува од самиот почеток со создавaњето на материјалите од кои е направена облеката.Според истажувањето направено за документарниот филм “The true cost“, при изработка на повеќе од 50% од продуктите од текстилната индустрија се користи памук, од кој 90% е генетски модифициран, а проблемот е во тоа што при неговото  одгледување потребна е употреба на големо количество пестициди. Под називот пестициди подразбираме повеќе видови на хемикалии, вклучувајќи хербициди, инсектициди, фунгициди, кои имаат висока стапка на токсичност, а дури 25% од вкупната нивна употреба е токму во текстилната индустрија. Освен што ја загадуваат водата за пиење и почвата за одгледување на храна  во местата каде што се расте памукот, тие имаат и огромно негативно влијание врз човекот кој ги прима преку контакт на кожата со облеката. Други материјали кои се користат се полиестер и најлон, чие производство вклучува големи количини на сурова нафта која ослободува опасни хемикалии во атмосферата, вклучувајќи  и кисели гасови како хлороводород.

По спроведување на анкета почнувајќи од 28 март 2017 година на тема текстилна индустрија преку прашањата заклучивме дека свеста меѓу жителите на Македонија за опасните последици на истата е на релеватно  ниско ниво со оглед на тоа што   повеќе од 67% од испитаниците на скала од 1-10 (1- минимална стапка,10 - максимална стапка  на токсичност) ја оценија оваа индустрија со помалку од 5.

А, доколку сте скептични за еколошкиот импакт, ајде да разгледаме како облеката се одразува врз човековите права. Во следната фаза од нејзиниот живот се  среќаваме со  “Sweatshops“ што претставува пејоратив користен за фабриките во Бангладеш, Камбоџа итн. каде текстилните работници работат во мизерни услови и за многу ниски плати (според нашите пресметки околу 10 денари од час или поточно 1800 денари месечно). Доколку ги споредиме платите  со  ризикот при работење заклучени  во објекти кои се нестабилни и каде што често се случуваат пожари и рушење на објектите, може да забележиме дека освен што го губат основното право на слободно движење, работат во услови кои ги загрозуваат нивните животи, а тие не се ни приближно доволно платени што ги прави овие луѓе еден вид модерни робови. Еден пример за несреќен случај од ваков тип е рушењето на Рана Плаза, Дака, Бангладеш во кој загинаа 1138 работници. Дали навистина сакаме мода чија цена е крвта на беспомошни работници и злоупотреба на детски труд?
 
 
Нашето општество, само во 21 век, има произведено толку многу облека што би ни била доволна уште еден век. Според Национален план за управување со отпад (2009-2015) на Република Македонија, нашата држава  вообичаено произведува околу 1000 тони волна на годишно ниво и околу 16.600 тони текстилен отпад. Зошто да ја фрламе облеката кога има толку многу начини како таа да се реупотреби,а се што е потребно е само малку труд и иницијатива. Фрлањето на облеката е постапка која  покажува непочит кон целата енергија и труд што се вложени при нејзиното создавање. Има многу поодржливи решенија, а донирањето на облеката е еден од поопшто познатите. Со организирање на настани за разменување на облека од која веќе ни се здосадило, а се уште е во одлична состојба, освен што ја заштитуваме животната средина, заштедуваме и пари. Друг начин се продавниците од Втора рака (Second hand) кои сѐ уште не се толку застапени бидејќи луѓето се срамат од помислата да купат веќе носена облека за која ќе добијат етикета од општеството.

Се наоѓаме во време каде што луѓето се преопседнати со материјалните нешта и никој не зборува за основните човекови права кои се јавно злоупотребени. Но, сепак тоа нас не нѐ допира. Тоа што треба да го разбереме е дека не треба да останеме рамнодушни кон сето она што не го гледаме. Ќе дозволите ли вашата комфортна зона да биде нарушена? Ќе продолжите ли само напред кон материјализмот или ќе се отворите кон едноставни промени во вашиот секојдневен живот кој би имале огромен импакт, а не бараат голем труд?

Дали ќе размислите два пати пред да решите дека повторно ви е потребен шопинг?

 

Автори: Бјанка Калајџиска, Надица Банишка, Бјанка Илиевска и Наталија Василевска. Илустрација: Нора Николоска

Share/Save/Bookmark

Friday, April 07 2017