Written by Administrator

Која е улогата на биологот – кустос во ЗОО Градината? Какви се тековните и планирани активности во градината?

Мојата улога како биолог – кустос во Зоолошката градина Скопје e значајна и одговорна улога поради фактот што освен здраствената состојба на животните за која е одговорен ветеринарен лекар останантата целокупна работа со животните, нивните живеалишта и хортикултурата ја организира и се грижи биологот.

Тука пред се спаѓа изготвување на планови и програми за работа, изготвува идејни решенија за погодно презентирање на животните, следење на адаптација на животните, водење матична книга на животните и нивна идентификација, планира потребни количини и видови на хранителни продукти за тековната година, изготвува хранителна дажба за сите видови животни по категории, следи стручна литература и дава совети за правилно поставуување на натписите, го одредува ентериерот на живеалиштата соодветно на природните услови со цел за благосостојба на животните, контактира и остварува соработка со зоолошки градини од другите држави, меѓународни организации и асоцијации со цел размена на искуства, соработка и унапредување на работата.

Кое животно Ви е најдраго?

Сите животни ми се драги но би можел да ги издвојам бенгалската тигрица Лола и Макаки мајмунот Мики поради воспоставената комуникација.

    Фотографија: М. Костовски

Колку е важна исхраната на животните?

Исхраната е еден од најважните фактори за благосостојба на животните како впрочем и кај луѓето и поради тоа се изготвуваат таблици за исхрана (според стандардите на EAZA) за сите видови животни според кои точно е одредено времето на хранење, видот на храната и количините. Храната во зоолошката градина Скопје се обезбедува на годишно ниво преку тендери со гарантирани количини, квалитет (ветеринарни сертификати) и постојаност во снабдувањето. Колку е храната посоодветна, разновидна, свежа и квалитетна толку животните ќе бидат позадоволни и посреќни односно ќе привлекуваат поголемо внимание кај посетителите.

Веројатно секојдневно сте во контакт со животните. Дали Ве препознаваат ако ги повикате по име?

Некои да некои не зависно од тоа колку време поминувам со нив.

Најинтересна случка со некое од животните?

Една случка ќе ми остане во долго сеќавање со мајмунот Коко кој сите добро го познаваат. Во една прилика му подадов затворено пластично шише со јогурт преку решетката и чекав да видам што ќе се случи. Коко го зеде шишето го исклацка малце го одврти капачето го лижна и го испи јогуртот. Јас му реков да ми го врати шишето за да не се прави ѓубре во живеалиштето а тој го затвори капачето ми го подаде шишето преку оградата ми се насмеа и ми даде аплауз. Јас остнав без зборови иако знам дека шимпанзата се еволутивно најразвиени и најблиски до човекот, сепак вакво нешто не очекував. Мајмунот Коко моментално не е во Скопската зоолошка градина, испратен е во Холандија на позајмица и кога ќе се изгради ново живеалиште за шимпанза повторно ќе си дојде дома... се надеваме со фамилија.
edu2
    Фотографија: М. Костовски

Посетителите кај кое од животните најдолго се задржуваат?

За посетителите од секогаш биле најинтересни мајмуните поради нивната динамика и таму секогаш е најпосетено, но голем интерес пробудуваат и двете мали мечиња Бим и Бум затоа што постојано се во движење, скокаат во базенот се бркаат ....

Кога ја заштитуваме природата, му овозможуваме на животинскиот свет спокојно да опстојува... Загадувајќи ја природата, го загрозуваме нашето единствено живеалиште, планетата земја. Колку свеста кај посетителите е развиена, дали се чувствува разлика во однесувањето кон природата и животните?

eduЗоолошките градини насекаде во светот па и кај нас се совршено место за едукација и подигање на свеста на повисоко ниво почнувајќи од најмладите посетители па се до најстарите од аспект на заштита на природата и животните. За да знаеш што треба да заштитиш прво треба да знаеш колку тоа вреди, а повредно од нашето здравје секако дека нема. За таа цел во Зоолошката градина Скопје е изграден и пуштен во употреба нов едукативен центар во кој посетителите можат да се запознаат со целите и значењето на зоолошката градина, проекти кои се во тек или се планираат за унапредување и подигање на свеста на луѓето од различни области како справување со отпад, рециклирање на хартија пластика и стакло, озеленување на зоолошката и обележување на сите растенија со нивни народни и латински имиња, видови на животни кои се загрозени од исчезнување и нивна реинтродукција во природата. Во градината се поставени голем број на канти за отпад, заштитни огради, информативни табли за сите животни, табли за не давање храна на животните со што мислам дека полека успеваме да ја постигнеме целта а тоа е не вознемирување на животните и нивна приватност, намалување на различен отпад низ градината, со еден збор посетителите почнуваат да се однесуваат покултурно како кон природата така и кон животните.

Јорданчо Милошевски
Биолог – кустос
Зоолошка градина Скопје


blog comments powered by Disqus
Share/Save/Bookmark

Friday, October 29 2010